Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар пристигна во БиХ за да изрази силна поддршка за високиот претставник Кристијан Шмит, чиј авторитет го оспоруваат српските власти и Русија.
Според Американската амбасада во Сараево, заменик-помошникот државен секретар Ескобар во БиХ присуствува на состанокот на политичките директори на земјите-членки на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ССМ), телото што обезбедува насоки за Канцеларијата на високиот претставник, а е составено од највилателните државите од Запад, како и Русија и Турција.
„За време на посетата Ескобар ќе ја истакне целосната поддршка на Соединетите држави за суштинската улога и мандатот на високиот претставник Кристијан Шмит во спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор и постигнување напредок во спроведувањето на агендата 5 плус 2“, се посочува во соопштението на Американската амбасада во Сараево.
Властите на Република Српска и на Русија го оспоруваат легитимитетот на високиот претставник Кристијан Шмит, затоа што не беше назначен од Советот за безбедност на ОН. Амбасадорот на Руската Федерација Игор Калабухов во вчерашното обраќање пред Народното собрание на Република Српска го нарече Шмит „германскиот државјанин во БиХ“.
Шмит беше назначен за висок претставник од страна на ССМ кон средината на минатата година, а клучен дел од неговиот мандат е поврзан со исполнување на пет цели и два услови, што имаат за цел да и овозможат на државата да носи независни одлуки без странска помош.
Западните дипломати предупредуваат дека Русија се обидува да ја дестабилизира БиХ, поради што се обидуваат да ја зајакнат улогата на германскиот политичар кој ја предводи меѓународната администрација во БиХ.
За време на неговата посета на БиХ, американскиот заменик-помошник државен секретар ќе се состане и со командантите на штабот на ЕУФОР и НАТО, на средба во насока на зајакнување на заедничката посветеност кон стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.
Ескобар денеска оствари и вонреден состанок со претставниците на СДП, Наша партија и партијата Народ и правда, трите опозициски партии што најавија заеднички настап на есенските избори.
Во изјавите пред медиумите локалните функционири посочија дека има целосно совпаѓање на нивните цели со оние на американската политика во БиХ.
Извор: МИА