Последна вечер на 21. OFFest

Од:

Четвртата, завршна, вечер на OFFest 2022 (1-4 јуни) е пред нас. Величенствената моќ и уникатната шареноликост во изразот на италијанската пејачка MARIA MAZZOTTA ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова богато музичко наследство – NANCY VIEIRA. Дваесет и првото издание на OFFest ќе го затвори експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив SANTROFI од Гана.

Уникатната сестраност на МАРИЈА МАЦОТА е клучната состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Таа се движи природно, со беспрекорна леснотија, меѓу звуците на Јужна Италија и влијанијата на балканската музика, освојувајќи ја публиката со нејзината искрена интерпретација што нурнува длабоко во културите на изведуваните композиции. Покрај членувањето во култните Canzoniere Grecanico Salentino (од 2000-2015 година), бенд со кој сними 6 албуми, Марија Мацота може да се пофали со бројни соработки со истакнати светски музички уметници како: Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Пиерс Фачини, Џастин Адамс и Џулде Камара, Реди Хаса, Рој Пачи и други. Во текот на нејзината кариера, таа настапи на некои од најважните меѓународни „world music“ фестивали: Womad (Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија), GlobalFest (Њујорк), South by Southwest (Тексас), Rainforest (Малезија), TarabTanger (Мароко), Soglie (Саудиска Арабија), Womex (Солун и Порто), Babel Med Music и Les Suds a Arles (Франција) итн. На OFFest, Марија Мацота ќе го претстави својот последен албум “Amoreamaro”, во дует со хармоникашот Антонино Де Лука.

НЕНСИ ВИЕИРА е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои таа секогаш претставува „морни“, „фунани“, „коладери“ и звук што се шири низ океанот и светот. Виеира, која живее во Португалија, го имаше своето деби во 1995, но првпат го привлече вниманието во 1999, кога се појави на компилацијата „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“ (Интервентна музика од Зеленортските Острови), пеејќи заедно со легендарниот Илдо Лобо. Таа потоа ги објави албумите „Segred“ (Praça Nova, 2004), „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“ (Lusafrica, 2012), а во 2018 го објави многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica). Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.

Дури и без издаден албум, SANTROFI веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та, вклучувајќи ги фестивалите Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска). На овој млад деветчлен олстар бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум “Alewa” испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото но со поглед кон иднината. Групата Santrofi, формиранa од басистот и продуцент Емануел Офори, кој „се хранеше од изворот“ настапувајќи со Ебо Тејлор и Пет Томас, е длабоко инспирирана од highlife музиката на Гана во сите нејзини облици. Влијанијата се движат од возбудливиот, динамичен, гитарски, денс-ориентиран highlife од 70-тите, преку различните етно форми на highlife фанкот, па сè до полиритмичните битови и мелодии со кои популарниот afrobeat го инфицираше целиот свет. На сцената, тие ја уриваат секоја можност за хиерархија: музичарите ги менуваат своите улоги, растејќи со развивање на талентот на другиот и усогласувајќи се како целина. Заедно, тие имаат моќ да збришат сè пред себе. А ова е само почеток.

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Македонска вечер за почеток на Offest

Ана Ололовска

В среда стартува 21. издание на OFFest

Ана Ололовска