Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска вети дека ќе го заостри надзорот над тајните служби во државата по скандалот со хакирањето мобилни телефони на високи политичари што ја разбранува неговата кревка коалициска влада.
Аферата избувна во април кога канадското набљудувачко тело за кибер безбедност Citizen Lab соопшти дека телефоните на повеќе од 60 луѓе поврзани со каталонското сепаратистичко движење биле прислушувани со помош на шпионски софтвер „Пегасус“ по неуспешниот обид за независност во 2017 година.
Скандалот предизвика криза меѓу малцинската влада на премиерот Санчез и каталонската сепаратистичка партија ЕРЦ, која го обвини Мадрид за хакирањето. Скандалот се продлабочи откако владата објави дека телефоните на Санчез и на министрите за одбрана и за внатрешни работи биле хакирани од истиот шпионски софтвер, направен од израелската групација НСО, од „надворешен актер“ минатата година.
Откритието покрена прашања за тоа кој е виновен и дали Шпанија има соодветни безбедносни протоколи.
Санчез денеска рече дека неговата влада „ќе ја зајакне судската контрола“ врз шпанските тајни служби и ќе ги ажурира процедурите за „да спречи да се повторат овие нарушувања на безбедноста“.
Тој, исто така, рече дека владата ќе усвои нов закон со кој се регулираат „класифицираните информации“, кој ќе го замени постојното законодавство усвоено во 1968 година за време на диктатурата на Франциско Франко.
„Мораме итно да усвоиме прописи за демократските, уставни принципи“, рече Санчез во Парламентот.
Санчез призна дека мобилните телефони на 18 каталонски сепаратистички лидери биле хакирани од разузнавачката агенција ЦНИ, но тоа било овластено од судовите како што налага законот.
Извор: МИА