Странските експерти сметаат дека треба да се обелоденат и имињата на новинарите коибиле кодоши и соработници на тајните служби.
Експертите од ОБСЕ и Советот на Европа се категорични дека новинарите не смеат да работат за тајната полиција, ако го прави тоа, тој веќе не е новинар и тоа би било предмет на лустрација.
Во рамките на јавната дебата за законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Министерството за информатичко општество и администрација организираше јавна расправа на која беше отворено прашањето дали е дозволено новинарите да соработуваат со тајните служби и дали треба да се обелоденат новинарите кои во минатото биле соработници на службите.
“Дали според Советот на Европа, ОБСЕ и ЕК е дозволено новинарите да соработуваат со полициските служби посебно со оние кои ги нарекуваме тајна полиција и дали тој процес ако постоел и постои сеуште да кажеме, дали тој процес треба да се толерира, односно дали државата треба да расчисти со оние луѓе кои соработувале со тајната комунистичка полиција, значи да се отворат нивните досиеја”, праша новинарот и уредник на Дневник, Дарко Јаневски.
„Еве краток одговор, „НЕ“. И не како претставник на Советот на Европа, туку одговарам лично јас како Германец. Во Германија имавме некое искуство со оваа работа. И тоа го направивме ние во Германија, ги отворивме тие досиеја и многу ни помогна тоа за самиот процес на повторно обединување на двете Германии“, рече претставникот од Советот на Европа.
„Не е дозволено новинар да работи со тајната полиција. Ако го работи тоа, тој веќе не е новинар. Мислам дека ако има такви досиеја, како граѓанин кој што исто така бил лично контролиран од тајната полиција, дефинитивно е важно да се отворат сите овие досиеја и да им се каже на луѓето кој се бил вклучен во сето тоа. Меѓутоа, ова е прашање на лустрација и во различни земји тоа има различен одглас и различни последици. Ако има таква активност помеѓу новинарите и тајната полиција тоа мора јавно да се осуди“, изјави претставничка на TAIEX мисијата кои работеа на предлог измените на законите.