Парламентот на Босна и Херцеговина е најскапото и во исто време најмалку ефикасното законодавно тело од сите земји во регионот, а за усвојување на само еден закон од овој Парламент даночните обврзници издвојуваат над 70.000 евра, објави во Сараево невладината организација Центар за граѓанска иницијатива.
Невладината организација која ја следи и редовно анализира работата на извршната и законодавната власт на сите владини нивоа во земјата, објави анализа во која се наведува дека во првите шест месеци од годинава пратениците на БиХ успеале да усвојат само 12 закони, што дури не е ниту една петина од планираните за 2013 година.
Доколку Парламентот продолжи со ова темпо, до крајот на годината нема да реализира ниту една третина од планот за оваа година, истакнува невладината организација.
Според Центарот за граѓанска иницијатива една пленарна седница на Парламентот ги чини босанските граѓани 58.800 евра. Ова се најлошите резултати во изминатите седум години, наведува организацијата.