Хјуман рајтс воч во најновиот извештај наведува дека руските сили постојано користеле касетна муниција во нападите во кои загинале цивили и се оштетени домови, болници и училишта.
Украинските сили исто така користеле касетни бомби најмалку еднаш, се вели во извештајот.
Организацијата за човекови права документирала неколку руски напади врз населби во градовите Чернихив, Харков, Николаев и Вухледар.
Во извештајот се вели дека двете страни мора да престанат да го користат овој вид муниција.
– И Русија и Украина мора да се обврзат да пристапат кон меѓународниот договор за забрана на касетна муниција, се вели во документот.
Извештајот од 20 страници насловен „Интензивна и трајна штета: Напади со касетна муниција во Украина“ објаснува како руските вооружени сили користеле најмалку шест видови касетна муниција во конфликтот во Украина.
Касетната муниција може да биде истрелана од земја со артилериски системи како што се ракети и проектили, или да биде пуштена од авиони. Овој тип на бомба се распрскува во воздухот, неселективно ширејќи многу мали „бомби“ на површина со големина на станбена зграда.
Многу од нив не експлодираат по лансирањето, оставајќи во земјата неексплодирани смртоносни средства што може да убијат и осакатат. Доколку не бидат пронајдени и уништени, би можеле да убиваат уште 100 години.
Извор: МИА