Заедницата на луѓето, но и на останатите примати, минала интересен еволутивен пат до своето моногамно обележје. Научниците дошле до откритие, кое покажува што е причината за настанувањето на денешното семејство.
Кога татковците се грижат за своите потомци, не само што можат да ги заштитат од другите мажи, туку носат и дел од товарот на родителството.
Истражувањето, кое го спровеле научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон и универзитетите во Манчестер, Оксфорд и Окленд, покажало дека грижата на мажјакот за младенчињата е заслужна за еволуирање на полигамната во моногамна заедница.
Резултатите од ова истражување се објавени во интернет изданието на списанието на Националната академија на науките на САД.
Младенчињата се најранливи, кога целосно зависат само од мајката, поради што женките го одложуваат натамошното размножување се додека водат сметка за младенчињата, се наведува во ова истражување.
Мажјаците, сакајќи да создадат свои потомци, често пати ги убиваат незаштитените младенчиња. Делејќи го товарот на одгледување на младенчињата, женките се во состојба да се размножуваат почесто.
Потомците на приматите, поради големината на мозокот, се развиваат поспоро и подолго трае периодот во кој им е потребна посебна грижа од родителите. Поради тоа со тек на време станало неопходно да се подели грижата за потомците.
– Ова е прв пат теориите за еволуцијата на моногамијата систематично да се тестираат и да се донесе заклучок дека убиството на младенчето е главна причина за настанувањето на моногамните заедници. Со тоа може да се заврши долгогодишната дебата за потеклото на моногамијата кај приматите, вели доктор Кит Опи, еден од авторите на студијата.