Филаделфија е првиот поголем град во САД каде повторно се воведува мерката задолжителното носење маски во затворени простории, по наглиот скок на бројот инфекции со коронавирус.
Шерил Бетигол, градската комесарка за здравство, предупредува на можен нов бран инфекции на подваријантата на омикрон-сојот на коронавирусот.
Таа појасни дека потврдениот број заразени во градот е зголемен за повеќе од 50 проценти за последните десет дена, што е граница од која се воведува задолжителното носење маски во затворени простории.
Здравствените власти веруваат дека неодамнешниот пораст на инфекцијата е поттикнат од високо преносливата омикронска подваријанта BA.2, што брзо се прошири во Европа и Азија, која последните седмици стана доминантна во САД.
-Ако не дејствуваме сега, знаејќи дека секој претходен бран на инфекции беше проследен со бран хоспитализации, а потоа и бран смртни случаи, тогаш за многу наши граѓани ќе биде доцна, предупредува Бетигол.
Таа смета дека сега е шанса да се оди пред пандемијата, да се носат маски превентивно, додека не се добијат повеќе информации за сериозноста на новата варијанта.
Според официјалните податоци, околу 750 граѓани на Филаделфија починале во зимскиот бран на омикрон коронавирусот.
Мерката за повторно задолжително носење заштитни маски во затворен простор, што градските власти претходно ја укинаа на 2 март, од 18 април повторно стапува на сила.
По минатомесечното укинување на обврската за носење маски бројот потврдени случаи се зголеми на повеќе од 140 дневно.
Повеќето американски држави и градови го укинаа задолжителното носење маски во февруари и на почетокот на март, следејќи ги новите упатства од Центрите за контрола и превенција на болести на САД кои посветија повеќе внимание на капацитетот на болниците отколку на бројот заразени.
Извор: МИА