Фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува со Полска вечер на која вљубениците во класичната музика ќе можат да уживаат во изведбите на дела на најпознатиот полски композитор, Кшиштоф Пендерецки, во изведба на полски солисти на виолончело заедно со уметниците од Македонската филхармонија.
На концертот што ќе се одржи во Предворјето на „Света Софија“, како солисти ќе настапат виолончелистите Александра Лелек, Бартос Козаик и Рафал Квиатковски, под диригентска управа токму на великанот Пендерецки.
– Моите дела, мојата музика е изведувана во Македонија пред повеќе од 50 години, но ова е првпат лично да настапувам тука. Вечерва ќе презентирам дела од различни периоди на моето творештво, меѓу кои и музички авторски изрази конципирани врз техники што пред 50-тина години беа шокантни за уметниците, кои одбиваа да ги изведуваат. Но, тие беа дел од моите замисли да создадам сосема нов уметнички израз, рече маестро Пендерецки.
Почетокот на концертот е закажан во редовниот фестивалски термин од 21 часот.