Мора да се паузира со разговорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, соопшти денеска Европската унија, неколку дена откако новите барања на Русија ги комплицираа преговорите.
„Пауза во #ВиенаРазговори е потребна, поради надворешни фактори. Конечниот текст е суштински подготвен и на маса“, напиша на Твитер, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Моменталните преговори, почнаа кон крајот на ноември меѓу Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Иран и Русија, а САД имаа индиректна улога во нив.
Целта беше да се обнови Заедничкиот сеопфатен акционен план од 2015 година.
Минатата недела, Русија побара гаранција, дека западните санкции наметнати на нејзината економија, по руската инвазија врз Украина, нема да влијаат врз трговијата на земјата со Иран.