Македонците во Северна Америка го одбележуваат Илинден

Од:

Во десетици црковни општини низ Северна Америка денеска и во следните неколку денови се одбележува големиот македонски празник Илинден, со богослужби и со големи собири на Македонците.

Митрополитот Методиј, кој управува во канадско-американската епархија, денеска ќе богослужи во црквата Рождество на Пресвета Богородица во Стерлинг Хајтс во Детроит. Одбележувањето на големиот празник, јави дописникот на МИА, следува по штотуку завршената посета на поглаварот на Македонската православна црква архиепископот господин господин Стефан, кој во изминатите 20-ина дена ги посетуваше македонските цркви низ САД и Канада.

– Како најзначајна тема, за време на посетата на архиепископот, како и при богослужбите поврзани со денешниот празник, е испреплетувањето на националното, патриотското со духовното, црковното. Да не заборавиме на благословот на светиот пророк Илија, кој ги инспирираше нашите револуционери кои го спомнуваа на овој ден. И нашите мисли нека бидат со светиот пророк Илија, кој со второто Христово доаѓање ќе биде присутен и во нашата иднина, вели митрополит Методиј.

Тој додава дека посетата на поглаварот на МПЦ, прва по пет години, била добра можност да се види напредокот на македонските црковни заедници, културниот живот во црквите, македонските училишта, плановите за отворање три нови цркви, како и да се одбележи големиот јубилеј на првата македонска православна црква надвор од Македонија – Свети Петар и Павле во Краун Поинт во Индијана.

Одбележувањето на Илинден во оваа црква југоисточно од Чикаго е предвидено за утре, кога ќе се соберат Македонците од најстарата наша заедница во САД. Црквата се подготвува и за почетокот на септември, кога таму Канадско-американската епархија ќе го организира традиционалниот голем собир на македонските црковни заедници за продолжен викенд исполнет со молитви, настапи на културно-уметнички друштва и македонска музика.

– Подготовките напредуваат добро. Свеченоста е предвидена да почне во петокот на 30 август, во пресрет на Денот на трудот. Ќе биде тоа добра можност да ги собереме Македонците од сите места во САД и во Канада, вели Ник Ночевиќ, епархиски делегат во црквата Свети Петар и Павле во Краун Поинт.

Еден од најголемите собири во чест на Илинден е предвиден за в недела во манастирот Свети Ѓорѓи во Рендолф во Њу Џерси. Кон манастирот гравитираат македонските заедници од Њу Џерси – во Сидар Гроув, Тотова, Патерсон, но и дел од Македонците од Њујорк, па дури и Конектикат. Предвиден е настап на културно-уметничкото друштво Гоце Делчев од Њу Џерси.

Во северна Америка има две македонски православни цркви кои го носат името на пророкот Илија. Едната е во канадскиот град Мисисага во Онтарио, каде минатата недела се одржа голем народен собир, на кој богослужеше господин господин Стефан. Другата е во Синсинати, во американската сојузна држава Охајо, каде централната свеченост е предвидена за следната недела, кога таму ќе богослужи митрополитот Методиј.

Би можело да ве интересира

„Борбата трае“ ќе биде мотото на државната прослава на 2 Август

Сиљановска Давкова во Пелинце ќе го одбележи Илинден, Мицкоски во Крушево, Гаши во Скопје

Денот на Републиката 2 Август неработен за сите граѓани

Горан Наумовски

2.Aвгуст е неработен ден за сите граѓани на Македонија

Почина поранешниот митрополит Горазд

САД го честитаа празникот Илинден

Ана Ололовска