Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денеска соопшти дека околу 470.000 странски државјани, вклучувајќи студенти и работници мигранти, „се заглавени“ во Украина.
ИОМ упати апел до соседните земји да им помогнат на граѓаните кои сакаат да ја напуштат Украина.
– Апелираме до соседните земји да обезбедат заштита, засолниште и пристап до територијата, изјави портпаролката на ИОМ, Сафа Мсехли.
Таа додаде дека ИОМ добила барања од земји од Блискиот Исток, Азија и Африка кои бараат помош за нивните граѓани кои се обидуваат да ја напуштат Украина и дека агенцијата на ОН работи на координиран одговор. Мсехли наведе дека досега 6.000 странски државјани успеале да побегнат во Словачка и во Молдавија.