Рускиот претседател Владимир Путин среде ноќ во вонредно телевизиско обраќање објави дека Русија започнува воена операција во Украина.
Путин го најави нападот врз Украина за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН.
Украина го затвори воздушниот простор за цивилни летови.
Новинарите на Си-Ен-Ен ги потврдуваат експлозиите во Харков и Киев.
Русија ја гаѓа украинската воена инфраструктура, воздушната одбрана и воздушните сили со високопрецизно оружје и не ги напаѓа украинските градови, објави руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Киев соопшти дека Москва започнала сеопфатен напад врз Украина, со воени командни центри во голем број градови погодени со проектили.Украина соопшти и дека руските трупи се истовариле во Одеса и тргнале веќе кон Харков.
Путин најави напад врз Украина во вонредно телевизиско обраќање нешто пред 4 часот наутро по македонско време.
Тој рече дека Русија ќе изврши „специјална воена операција во Украина“.
Во своето обраќање Путин исто така рече дека „конфликтите меѓу украинските и руските сили се неизбежни и само прашање на време“, дека понатамошното проширување на НАТО и неговата употреба на украинска територија е неприфатливо.
Тој рече дека „руската воена операција има за цел да ги заштити луѓето“ и дека „околностите бараат решителна акција од Русија“.
Тој исто така рече дека ќе ја „демилитаризира Украина“.
Во телевизиско обраќање, Путин побара од украинските војници во борбената зона во источна Украина да го остават оружјето и да се вратат дома.
Тој и се закани на Украина дека таа ќе биде виновна за крвопролевањето, пренесува Би-Би-Си.
Путин изјави и дека целите на Русија не се окупација на Украина.
„Нашите планови не се да ја окупираме Украина, не планираме никому да се наметнуваме“, рече Путин, најавувајќи воена акција во источна Украина.