Извршната директорка на „Гринпис Интернешнл“, Џенифер Морган, треба да стане специјален претставник на новата германска влада за климата, јави ДПА.
Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, денеска во Белрин ја потврди најавата за именувањето.
-За мене ова е назначување од соништата и важен сигнал за меѓународна заштита на климата, рече Бербок, која доаѓа од Партијата на зелените, која од декември е една од трите партии во коалициската влада.
Морган, американска државјанка која течно зборува германски и живее во Амстердам, од 1 март ја презема функцијата специјален пратеник за меѓународна климатска акција.
Таа се смета за искусен и меѓународно добро поврзан климатски експерт и водеше бројни институции кои работат на политиката за климатски промени.
Мартин Кајзер, извршен директор на „Гринпис Германија“, го поздрави назначувањето на Морган на „новата важна и клучна улога“.
-Со назначувањето на интернационалната шефица на „Гринпис“, Џенифер Морган, за специјална пратеничка за меѓународна климатска акција, министерката Бербок испраќа силен сигнал дека целта од 1,5 степени ќе биде водич за германската надворешна политика за климата, рече Кајзер, пренесе ДПА.
Извор: МИА