Европската унија планира да набави и користи шпионски беспилотни летала, сателити за набљудување и авиони, како дел од нова агенција за разузнавање и безбедност, која ќе биде под контрола на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, пишува весникот „Дејли телеграф“.
Контроверзниот предлог е чекор кон создавање независно воено тело на ЕУ што ќе има сопствена опрема и ќе води независни операции, наведува британскиот весник.
Весникот, повикувајќи се на изјави од високи европски службеници наведува дека Европската комисија и Кетрин Ештон сакаат да формираат воена команда и систем на комуникација што ЕУ ќе го користи за внатрешна безбедност и во одбранбени цели. Според овој предлог, набавката на беспилотни летала би била извршена до есен.
Според високите европски службеници планот за создавање Агенција за безбедност и разузнавање претставува итен одговор на скандалот околу американското и британското шпионирање на светските комуникации.
Случајот со Едвард Сноуден покажа дека Европа треба да има сопствена независна безбедносна агенција и овој предлог е чекор поблиску кон европска одбранбена интеграција, нагласува за весникот неименуван службеник од ЕУ.
„Дејли телеграф“ наведува дека веќе постои судир меѓу Лондон и приврзаниците на планот за создавање центар за европски воени операции во Брисел.
Ештон, ЕК и Франција, поддржани од Германија, Италија, Шпанија и Полска се за спроведување на планот, додека Велика Британија е остро против.
Весникот наведува дека предлогот најверојатно ќе се најде пред шефовите на владите и државите на Самитот на ЕУ во декември.
Шпионските летала и одбранбениот команден систем би биле поврзани со проектот за шпионски систем во вредност од 3,5 милијарди долари, познат како „Коперник“, што ќе обезбеди можност за поддршка на мисиите и операциите за заедничка безбедност и одбрана. Системот „Коперник“ првично требаше да биде во служба на Европската вселенска агенција, наведува „Дејли телеграф“.