Нацрт- темелниот договор меѓу црногорската Влада и Српската православна црква (СПЦ), што денеска беше објавен во медиумите, по многу елементи е спротивен на секуларниот карактер на државата, соопшти црногорската Социјалдемократска партија (СДП), јави МИНА.
Шефот на медиумскиот тим на СДП, Мирко Станиќ, оцени дека темелниот договор е полн со историски невистини и фалсификати, како и дека на многу начини ја става СПЦ над другите верски заедници, но и над Уставот и голем број на црногорските закони.
-Апсолутно е неприфатливо да се потпише Темелен договор, во време кога Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ ги одбројува последните часови од својот мандат и кога ја загуби довербата од 85 отсто од пратениците, посочи Станиќ.
Тој изјави дека Кривокапиќ и министрите кои му останаа лојални предизвикуваат нестабилност во државата, обидувајќи се брзо да потпишат вакво сериозно прашање за, како што оцени, да добијат пар евтини политички поени.
-Ваквиот предлог-договор тие со право го криеја од граѓаните на Црна Гора, но и од пратениците, бидејќи знаат дека нема шанси тој да добие мнозинство во оваа форма, рече Станиќ.
Од СДП ги повикаа сите да се откажат од, како што кажа Станиќ, оваа опасна, и за државата и за граѓаните, штетна работа, „бидејќи фотелјите на Кривокапиќ, Јаков Милатовиќ или Весна Братиќ не вредат да предизвикуваат меѓуверски и меѓуетнички немири со долгорочно штетни последици за сите граѓани“.
-Само така ќе покажат дека не се подготвени по секоја цена да ги бранат своите фотелји, во кои од целосна анонимност и без никаков легитимитет седнаа пред 14 месеци, рече Станиќ.
Извор: МИА