Борис Бекер, поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, уште еднаш се осврна на ситуацијата во која се наоѓа првиот рекет во светот и порача дека е со него со целото срце!
Бекер неодамна даде интервју за Би-Би-Си, каде истакна дека Ноле сè правел професионално, а нешто слично, само малку поопширно, изјави и во интервју за германски „Билд“.
– Само затоа што не сте биле вакцинирани не значи автоматски дека сте лоша личност. Новак имаше медицинско ослободување, заедно со уште пет тенисери кои се во ждрепката. Беше во директен контакт со Австралија опен и тоа беше професионално направено. Ако немаше соодветни документи, Ѓоковиќ никогаш немаше да се качи во авионот. Впрочем, Новак не е идиот, вели Бекер и додава:
– Ѓоковиќ не прекрши никакви правила, на сите им е дозволено да играат, но очигледно, некои Австралијци не ги виделе своите семејства година, година и половина. Ја разбирам таа реакција во јавноста, но сакам да го бранам Ѓоковиќ бидејќи тој немаше да замине таму без лекарско ослободување.
Бекер уште еднаш се осврна на неговите неодамнешни зборови дека најдобро е Ѓоковиќ да се вакцинира.
– Новак речиси го сметам за член на семејството, но како и во сите други семејства, понекогаш имате несогласувања. Во овој случај мислам дека прави голема грешка што не се вакцинира. Тоа е нешто што го загрозува остатокот од неговата кариера и шансата да се зацементира како најдобар играч на сите времиња.