Фудбалерите кои настапуваат за кинеската репрезентација добија забрана да се тетовираат, а на оние кои веќе се тетовирани им е советувано да ги отстранат тетоважите од своите тела, објави Генералниот комитет за спорт во Пекинг.
Со тоа, како што е соопштено, се испраќа добар пример за општеството.
Во посебни случаи кинеските репрезентативци ќе можат да ги покријат тетоважите за време на тренинзите и натпреварите, доколку со тоа се согласат и другите членови на екипата.
Кина од средината на 2018 година засилено воведува регулативи за да забрани појавување тетоважи на телевизиските екрани.
Тетоважата во кинеската култура носи стигма, бидејќи во минатото се користела за обележување криминалци, а и денес тетоважите се поврзани со криминални групи во источна Азија.