По две години пауза, режисерката Наташа Поплавска повторно за македонската публика подготви музичко-сценска претстава, по успешните мјузикли „Чикаго”, „Мама миа” и „Боливуд”. Во Националната опера и балет в четврток од 20 часот премиерно ќе биде изведено нејзиното ново кабаре „Животот е…”
Поплавска ја поставува претставата заедно со кореографката Олга Панго, нејзина долгогодишна соработничка, а новата приказна е напишана во соработка со Ристо Вртев.
Во проектот се вклучени визулените уметници – видеодизјанерот Дејан Матиќ, светлодизајнерот Милчо Александров и костимографот Александар Ношпал, кои, како што вели режисерката, ќе ја создадат сценската магија заедно со балетските солисти од Националниот балет и познатата џез-артистка Марија Димитријевиќ.
– Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот берлински кабаре клуб „Кит Кет“ ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нет Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика „Крафтверк“, изјави Поплавска.
Во претставата ќе учествуваат: Иван Вртев, Андру Кук (гостин од Велика Британија), Дафина Данилоска-Кочевска, Маја Митровска-Богојевска, Биби Басмаџиева-Ковачевски, Анела Велевска, Ангела Богатинова, Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска.
Претставата е во продукција на Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт медиа“ во соработка со Националната опера и балет и со поддршка на Министерството за култура.
По премиерата задутре, кабарето „Животот е…” репризно ќе биде изведено на 19 февруари 2022 година.