Струјата ќе поскапи до 10 проценти велат од Владата, дел од опозицијата и експертите сметаат дека тоа е нереално

Од:

Европската енергетска криза и малото домашно производство на електрична енергија се главните причини поради кои е несомнено дека граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за потрошена струја од 1 јануари идната година.

Предвидувањата за новата цена на регулираниот пазар се различни. Некои од експертите и опозициските партии сметаат дека домаќинствата ќе плаќаат повисока цена за електричната енергија за 38 отсто, а властите уверуваат дека покачувањето ќе биде многу помало и повторно земјава ќе има најниска цена во регионот, додека од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), која е надлежна за формирање на цената на регулираниот пазар, велат дека нема да лицитираат со цената се додека не ги разгледаат сите барања кои се пристигнати до нив. Потврдуваат дека сите енергетски компании веќе доставиле барања за зголемување на цената. РКЕ веќе почна со подготвителните седници за одредување на цената. Тие најдоцна до 31 декември треба да ја објават новата цена на електричната енергија што ќе важи во првите шест месеци од идната година.

Ситуацијата на либерализираниот дел од пазарот е сосема поразлична. Големите потрошувачи кои се на овој пазар веќе неколку месеци имаат повисоки сметки за потрошената електрична енергија што се манифестира во цената на крајниот производ што го произведуваат голем дел од компаниите, особено во прехранбената индустрија. Цената на регионалната берза за електрична енергија (HUPEX) во Будимпешта во еден период достигна до речиси до 400 евра за мегават час, додека лани просечно се движеше околу 70 евра за мегават час. Со цел да спречи ценовен шок, Владата веќе ги замрзна цените на основните прехранбени производи со цената што ја имале на 1 декември годинава. Замрзнатите цени на брашното, лебот, шеќерот, млекото, сирењето, месото и сувомесните производи, на оризот, јајцата и тестенините ќе важат најмалку до 31 јануари идната година со можност да бидат продолжени. Слични мерки презедоа и поголем дел од земјите во регионот.

Предвидувањата се дека цената на електричната енергија на европскиот пазар ќе се стабилизира кон крајот на првата половина од наредната година, а како најголема причина за нејзиниот раст се истакнува растот на цената на природниот гас и преориентирањето кон производство од обновливи извори на енергија.

Власта уверува дека зголемувањето нема да биде поголемо од 10 проценти

Министрите од економскиот сектор на Владата уверуваат дека цената на електричната енергија по Нова Година нема да се поскапи повеќе од 10 проценти и велат дека ќе се обезбеди доволно количина на електрична енергија за нормално функционирање на домаќинствата.

Министерот за економија Крешник Бектеши останува на веќе изнесениот став дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.

– Ние ги направивме сите анализи, и не само јас како министер за економија, туку и другите институции беа вклучени како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто, изјави неодамна Бектеши.

Најави дека за граѓаните веќе се изработува и нов модел со блок тариф во делот на одредувањето на цената за електрична енергија енергија, но би важел од јуни следната година. Според овој модел, оние потрошувачи што трошат повеќе електрична енергија ќе ја плаќаат поскапо, а оние што трошат помалку поевтино.

-Тие што се најранливи можеби ќе имаат намалување во делот на електричната енергија од јуни наредната година, а тие што прават потрошувачка над или повеќе од еден мегават и што трошат толку многу електрична енергија, за нив дополнително ќе се зголеми цената. Ова го зборувам за јуни, имајќи предвид дека двапати годишно носиме одлуки за утврдување на цената на електрична енергија, рече Бектеши.

И вицепремиерот за економски прашања, координација со економските сектори и инвестиции Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за онолку колку што тврдат дел од медиумите и опозициските политичари.

Битиќи во предновогодишното видео интервју за МИА вели дека нема да има рестрикции на струја по Нова Година, ќе има доволно количество на електрична енергија, а поскапувањето нема да биде како што некои сеат страв кај граѓаните

Тој не сака да навлегува во предвидувања колку ќе поскапи струјата по 1 јануари, но нагласува дека како Влада направиле се што е во нивна моќ за да осигураат евентуалното поскапување да не биде како што некои најавуваат.

– Знам сигурно една работа што ќе се случи, а тоа е дека за граѓаните ќе обезбедиме доволно електрична енергија, не само во јануари, туку и понатаму, што значи дека потребите за електрична енергија нема да се загрозат. Тоа значи дека нема да има рестрикции. Тоа можам да го гарантирам. Знам дека како Влада се што беше во наша моќ сторивме за да се осигура дека поскапувањето евентуално по 1 јануари не биде големо како што некои навестуваат. Јас гарантирам дека нема да биде како што некои сакаат да сеат страв кај граѓаните. И ќе продолжиме да инвестираме во обновливи извори на енергија, истакнува вицепремиерот.

За ранливите категории на граѓани ќе бидат обезбедени ваучери за енергетски додаток и ќе се прошири целната група.

Тој повеќе пати досега нагласи дека како што докажале на 1 јули, така и на 1 јануари ќе докажат дека цената се уште ќе биде најниска во целиот регион и ќе обезбедат доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба.

Вели дека во моментот најважно е државата да има доволно количина на електрична енергија и затоа како Влада се фокусирани на производство на електричната енергија по цена која ќе биде достапна за граѓаните.

Замрзнувањето на цената на струјата и на парното со цел да се спречи ценовен шок, според него, не е одржлива мерка, а евентуалното укинување на евтината тарифа е одлука која треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

-Како Влада можеме да кажеме што сме подготвени да направиме и да интервенираме од аспект на евентуално субвенционирање на одредени сегменти. Кажавме дека се што е потребно како евентуална поддршка и помош кон ЕСМ или МЕПСО, ќе го направиме, другото останува на РКЕ да одреди и да даде предлог кој што е одржлив, бидејќи тие ги знаат движењата и трошењата на електрична енергија во одредени временски периоди. Може да кажат да има кратење на периодот на евтината тарифа зашто имаат преглед дали се троши електрична енергија во тој временски пик или не. Ние сме отворени да зборуваме за тоа но не на штета на граѓаните, потенцира Битиќи.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски цената на струјата ќе се зголеми за 30 до 40 проценти

Од 30 до 40 проценти зголемување на цената на струјата прогнозира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој смета дека е далеку од вистината она што деновиве беше пласирано од властите дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за повеќе од 10 проценти.

Во краен случај, како што рече на брифинг со новинарите, одлуката ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а таа, како што појасни, ќе предвидува укинување на евтината дневна струја од 14 до 16 часот попладне, но не и укинување на ноќната евтина струја и таа во недела.

Мицкоски вели дека енергетска криза е глобална, но ја засега и нашата земја, а клучната грешка што, според него, власта ја направила изминатиов период е тоа што го оставила Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум сам да купува струја, наместо во процесот на надополнување на недостигот на струја да биде вклучен ЕСМ. Мицкоски појаснува дека ЕВН Хоум е приватна компанија со регулирана дејност, која доколку недостигот го набавувала преку ЕСМ тогаш државата ќе можела да излезе во пресрет и да помогне. Во сегашната ситуација ЕВН Хоум нема да банкротира, според Мицкоски, а сето она што однапред е потрошено наместо на државен ќе треба да биде на товар на граѓаните.

Како друг проблем ја посочи неповолната состојба, според него, на РЕК Битола, но и недомаќинското работење на хидроелектраните кои летоска наместо да акумулираат вода за грејната сезона, произведувале струја и ја продавале. Мицкоски појаснува дека во грејната сезона хидроелектраните треба да работат со капацитет од 50 до 60 проценти, а во моментов, како што вели, кај нас се многу под тоа.

Мицкоски вели дека претставниците на власта побарале совет од него за тоа како да се реши ситуацијата за која тој предупредувал и претходно, но напоменува дека кризата е глобална, додавајќи дека германските регулатори не дале дозвола за работа на гасоводот Северен поток 2 во наредните шест месеци поради што ќе нема гасно поврзување помеѓу Русија и Германија, а сето тоа ќе се одрази и на висината на цената на природниот гас. Според Мицкоски, тоа ќе се рефлектира и во нашата земја со оглед на тоа што топланите на БЕГ работат на гас.

За дел од енергетичарите најавата дека цената на електричната енергија нема да поскапи повеќе од 10 проценти е политичка одлука

Дел од енергетичарите во земјава сметаат дека е нереална најавата на властите дека струјата по 1 јануари нема да поскапи повеќе од 10 проценти и ја оценуваат како политичка одлука.

-Најавите за зголемување на цената на електричната енергија за најмногу до 10 проценти е политичка одлука, вели за МИА професорот Константин Димитров од МАЦЕФ.

Според него, тоа е нереално и економски неприфатливо, бидејќи производната цена на струјата е повисока.

-Производната цена на струјата мора да биде повисока, бидејќи пред четири години беше 41 евро за мегават час, а до крајот на годинава АД ЕСМ на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му ја продава за 36 евра за мегават час. Тоа нема логика, посочува Димитров.

Смета дека е тешко да се направат предвидувања за тоа колку од потребите за струја би се покриле од домашно производство во првите шест месеци од идната година зашто нема доволно домашен јаглен.

Во меѓувреме, пак, министерот за економија Крешник Бектеши беше во посета на Косово каде преговараше за набавка на три милиони тони јаглен за потребите на енергетските капацитети во земјава за наредните неколку години.

РКЕ нема да лицитира со цената на електричната енергија

Додека не ги направиме анализите нема да лицитираме со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во првата половина на наредната година, вели во интервју за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски и порачува дека ќе ја информираат јавноста кои биле трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електричната енергија.

– Ги добивме барањата од сите три енергетски компании и во моментов ги анализираме и разгледуваме во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали имаат трошоци за увоз во делот на ЕВН Хоум и во делот на Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената, вели Бислимоски.

Тој порачува дека РКЕ ќе види дали тие цени што ги истакнале за набавка на електрична енергија се реални и дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесат нивната одлука.

– Факт е дека најголем проблем ни се набавките на загуби во преносната и дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа е побарано зголемување од 15 до 16 милиони евра, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра. Тоа се бројките што ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на HUPEX берзата во Унгарија се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа има сериозно влијание врз целокупниот пазар на електрична енергија во целиот регион, појаснува Бислимоски.

Тој вели дека РКЕ може да влијае само на 37,2 отсто од крајната цена на електричната енергија и додава дека зголемувањето од 13,6 отсто на цената на електричната енергија што ќе ја продава ЕСМ на ЕВН Хоум влијае со околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе ја плаќаат купувачите по 1 јануари.

– Ако влијанието на ЕСМ во минатата одлука за цената на струјата што ја донесовме на 1 јули годинава е 34 проценти, тоа значи дека влијанието ќе биде околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе се плаќа по 1 јануари. За најмалку толкав процент фактички мора да поскапи струјата. Ќе видиме како тоа ќе го истераме и со трошоците за обновливи извори на енергија и со трошоците од увоз. Но, тоа што го побарал ЕСМ значи минимум зголемување на цената од 4,5 проценти. Другите трошоци ќе ги детализираме во следните неколку дена, порачува Бислимоски и додава дека РКЕ од 2019 година не ја утврдува цената по која ЕСМ ја продава струјата.

Малите инвестиции во енергетиката во последните 30 години една од причините за повисока цена на струјата

Во последните 30 години поголеми капацитети кои ги направила државата се хидроелектраната Козјак со инсталирана моќност од 80 мегавати, хидроелектраната Света Петка со 35 мегавати и ветерната електрана Богданци со 36,8 мегавати или вкупно се направени капацитети со инсталирана моќ од околу 145 мегавати. Изградена е и една когенеративна постројка ТЕ-ТО која е приватна инвестиција со моќност од 220 до 230 мегавати. Сите останати инвестиции се во обновливи извори на енергија, како мали хидролектрани, фотоволтаици и биогасни електрани со вкупна моќност од 200 мегавати.

– Факт е дека во земјава во изминатите триесетина години живееме на старата слава од златните времиња во енергетиката кога се изградија три блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино и некои хидроелектрани. РЕК Битола беше предвидено да работи до 2020 година, а работи и сега но со јаглен кој е со многу послаб квалитет од тоа што треба да биде и поради тоа имаат проблеми во нивното тековно работење. Имаат испади и работат со намален капацитет. Сега сме доведени во ситуација да увезуваме јаглен, бидејќи домашен немаме за да обезбедиме производство на електрична енергија, но трошокот за увоз на јаглен е повисок од трошокот за копање на јаглен кој го имаме кај нас, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски за МИА.

Според него, главниот проблем ни е што термоелектраните и кога работат, работат со помала инсталирана моќ и повторно се соочуваме со проблем да обезбедиме базна енергија за која потенцира дека мора да ја обезбедиме во наредниот период.

-Единствен начин тоа да го направиме е преку нови гасни електрани. Во наредниот период прво треба да обезбедиме базна енергија преку когенеративни постројки или гасни електрани, бидејќи за краток период ќе ни треба поголема инсталирана моќност. На краток рок ни требаат брзи инвестиции и најбрзо што може да се направи се фотоволтаиците. Добро е што има најави за изградба на повеќе фотоволтаични електрани и неколку ветерни електрани. Најавите за изградба на фотоволтаици се добри, бидејќи верувам дека батериите кои ќе служат за складирање на електричната енергија од нив како технологија ќе се развијат повеќе и трошокот за нивно купување ќе почне да се намалува. Така во делот на балансирањето на системот ќе нема проблеми бидејќи ќе има батерии, појаснува Бислимоски.

Дека во последните години не се инвестирало во енергетиката вели и Јанез Копач од Секретаријатот на Енергетската заедница.

-Струјата во наредните години ќе поскапува и тоа е факт. Проблемите со цената на електричната енергија во регионот се должат на тоа што во последните 30 година во сите земји од поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и Хрватска, речиси воопшто не е вложувано во поголеми енергетски капацитети, изјави неодамна Копач.

Тој препорача државата да им помогне на ранливите категории да ги плаќаат сметките за електрична енергија за кои посочи дека ќе растат.

Токму на предлог на Регулаторната комисија за енергетика Владата во јули годинава го намали ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто што придонесе сметките што ги плаќаат граѓаните за електрична енергија да останат на исто ниво иако РКЕ донесе одлука за зголемување на цената од 7,83 отсто. Со одлуката ДДВ-то за електричната енергија ќе биде 5 отсто до јули идната година кога ќе се зголеми на 10 отсто, а во јули 2023 година повторно ќе се врати на 18 отсто.

Државата од наредната година со по 1.000 денари ќе ги субвенционира сметките за потрошена електрична енергија на 36.000 семејства во ризик и на околу 9.000 пензионери со ниски примања. Од РКЕ предлагаат да се прошири опсегот на субвенционирање и да се поддржат сите семејства кои имаат месечни примања помали од потрошувачката кошница што ја определува синдикатот. За ноември годинава потрошувачката кошница на синдикатот, која ги покрива основните потреби на едно четиричлено семејство, изнесува 34.893 денари.

Регулаторната комисија за енергетика до крајот на месецов треба да ја одреди цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи што се снабдуваат преку Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, во првите шест месеци од наредната година.

Најголем удел при формирање на цената за домаќинствата има ЕСМ, околу 34 проценти. Во цената влегуваат и трошоците на Електродистрибуција за дистрибуција на електричната енергија и на МЕПСО за пренос. Регулаторот може да влијае на цените на МЕПСО и на Електродистрибуција, но не и на производната цена на ЕСМ. Токму ЕСМ на петтиот тендер на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум понуди цена од 41 евро за мегават час за покривање на 100 отсто од потребите на регулираниот пазар што е за 13,6 отсто повисока од цената по која ќе го снабдува до крајот на годинава. Тоа, според РКЕ значи дека цената на електричната енергија ќе поскапи за најмалку 4,5 проценти колку што е и уделот во вкупната цена на делот на ЕСМ.

Би можело да ве интересира

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски

ДУИ: Владата на нетранспарентен начин ја зголемила цената на струјата за компаниите