Норвешкиот велемајстор Магнус Карлсен вечерва во Дубаи ја одбрани титулата светски првак, совладувајќи го предизвикувачот Јан Непомњашчиј со вкупен резултат 7.5 – 3.5 и со тоа ја постигна една од највисоките победи во поновата историја на шахот.
Од 1948 година кога Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) го презеде под свој патронат Поединечното светско првенство, само два дуела завршија со пет бодови разлика (Москва 1961, Ботвиник – Таљ 13-8 и Лондон 1993, Каспаров – Шорт 12.5-7.5, а четири пресметки завршија со четири бодови разлика (Москва 1960, Таљ – Ботвиник 12.5-8.5, Рејкјавик 1972, Фишер-Спаски 12.5-8.5, Мерано 1981, Карпов – Корчној 11-7 и Холандска Инденозија 1993, Карпов – Тиман 12.5-85).
Сепак, Карлсен ја одбрани титулата по само 11 партии со што триумфот на Норвежанецот е најбрз „нокаут“ во историјата на шахот.
Убедливата победа, сепак, не говори само за одличната игра на Карлсен, туку и за слабостите на неговиот предизвикувач кој понекогаш на двобојот во Дубаи правеше и почетнички грешки. Таков беше случајот и во денешната, последна, 11 партија, кога во приближно изедначена позиција, Непомњашчиј направи „харакири“ слабејќи ја позицијата на својата рокада, по што Карлсен со жртва на квалитет го „соголи“ противничкиот крал и во незапирлив напад со освојување дама постигна решавачка предност.