Турската централна банка денеска објави дека директно интервенирала на пазарите, продавајќи девизи поради „нездравото“ формирање на девизните курсеви, јави турската приватна телевизија НТВ.
Вредноста на турската лира нагло падна и покрај третата последователна девизна интервенција на централната банка овој месец, јави Блумберг. Во соопштението на банката се наведува дека интервенцијата се должи на „нездравите“ цени. Изјавата го повторува описот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за новиот пад на валутата. Турската лира благо закрепна, но продолжи да се тргува за 0,8 отсто поевтино – еден американски долар попладнево во Истанбул се менуваше за 13,9056 турски лири.
Вредноста на валутата падна за 38 отсто од септември минатата година. Потоа, во согласност со неконвенционалниот став на Ердоган дека повисоките каматни стапки ја поттикнуваат инфлацијата и треба да се избегнуваат, централната банка на земјата ги намали трошоците за задолжување. Во меѓувреме, инфлацијата се забрза за повеќе од 21 отсто во ноември, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три години.