Евентуален меѓуетнички конфликт во Босна и Херцеговина би можеле да го решат војниците на САД и НАТО со околу 60.000 војници и трошоци од 18 до 24 милијарди долари во првата година од ангажманот, се вели во студијата на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS). Во неа се третира и евентуално воено учество на Србија, што се смета за малку веројатно.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, воената интервенција на Србија во тој случај се смета за малку веројатна, но се предвидува дека ќе бидат потребни воздушни напад и со дополнителни трошоци од околу 24 милијарди долари.
Кога станува збор за БиХ како можна членка на НАТО, меѓуетничкиот конфликт се смета за најголем потенцијален воен предизвик.
Студијата прикажува различни хипотетички сценарија за ваквите случувања под влијание на странски фактори: од поддршката на Србија за „иредентистички ориентираното локално население“, поддршката на Русија за етничкиот сепаратизам до бранот насилство под влијание на радикални исламисти.
„Србија е наведена како единствена потенцијална надворешна закана, но многу малку веројатна затоа што Белград денес е во Партнерството за мир, соработува со НАТО и е на патот кон европската интеграција“, се додава во текстот.
CSIS проценува дека владата во Сараево има релативно слаби воени сили, мал воен буџет и тешка економија, но дека БиХ би можела да побара поддршка од НАТО доколку стане членка на Алијансата, јави БЕТА.