Германскиот производител на автомобили „БМВ“ денеска објави дека веќе има продадено еден милион електрични возила и оти планира да достигне вкупна продажба од два милиони примероци до 2025 година.
– Околу 70 отсто од продадените електрични возила досега, се хибридни. Компанијата верува дека хибридните модели ќе продолжат да играат важна улога, особено за купувачите за кои полнењето не е лесно достапно, изјави Питер Нота – член на одборот на фирмата.
Во обид да го намали испуштањето стакленички гасови, автопроизводителот долго време се залага за инвестирање во низа технологии и – не само во електромобили исклучиво со батерии. Компанијата се противи на целосна забрана на автомобилите со внатрешно согорување.
Намерата е до 2030 година најмалку 50 отсто од нивната светска продажба да бидат целосно електрични возила. Но, оттаму неколкупати нагласуваат дека недостатокот на инфраструктура за полнење е главна пречка за побрзо прифаќање на електричните возила.
– Продажбата на „БМВ“ во ноември беше малку под нивото од лани. Тоа, бидејќи недостигот на чипови продолжува да ја ограничува понудата, објави Нота.
Но, компанијата е уверена дека ќе успее да постигне раст на приходите во однос на минатата година.