На сцената „112“ во Центарот за култура „Антон Панов“ вечерва премиерно ќе биде одиграна претставата „Викторија“ по текст на бугарскиот автор Јордан Славејков, во режија на Дејан Ангелов. Продуцент на претставата е Здружението за култура „Транзен“ од Струмица, а улогата на Викторија ја толкува актерката Мирна Трпкова.
Според режисерот Ангелов, „Викторија“ или да погледнеш во грозното лице на вистината, е гледачите да ја чујат целата вистина, колку и да е непријатна.
– Викторија е всушност женски Икар којшто се труди да биде блиску до сонцето, но нејзините восочни крилја не додржуваат и се топат од неговите немилосрдни, жестоки зраци и Викторија се струполува во сопствената пепел од изгорени мечти и надежи… Тогаш на човека не му останува ништо друго освен од пепелта да роди нова смисла во животот после смртта: “Ако не на овој свет можеби ќе ме сакаш на другиот… мамо имам потреба од твоjaта љубов”-вели Викторија. Ова се буквално последните зборови во пиесата, зборови кои што откриваат една вечна и сепозната вистина дека првата и последната единствената потреба на човекот е потребата да биде љубен, а тоа претпоставува да се прости, да се биде разбран од другиот, вели режисерот Ангелов.
„Викторија“ е трета по ред претстава во продукција на Здружението „Транзен“, а проектот е финансиран од програмата „Цивика Мобилитас“ за развој и децентрализација на културата.