Третата и последна вечер на „ОФФест“ ќе ja одбележат концертните настапи на Пијан Славеј (попознат како Бранислав Николов од Фолтин) и на камерунскиот гитарист, вокалист, композитор и протестен поет Блик Баси. Тие вечерва на сцената на Националната опера и балет, каде се одвива целокупната концертна програма на годинашниот ОФФест, ќе ги претстават своите актуелни проекти.
Концертот на Пијан Славеј на „ОФФест“ е прво претставување во живо на неговата нова музичка авантура во која учествуваат и Пеце Трајковски (хармоника), Андреа Мирческа (контрабас), Мартин Џорлев (клавијатури) и Мартина Баракоска (тапани).
Пијан Славеј е музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Како еден од основачите и клучни членови во бендот, зад себе има девет студиски изданија, како и музика за над триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Avec L’Amour (Со љубов)“, „Cash & Marry“ и други. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две збирки поезија.
Блик Баси е камерунски гитарист и вокалист кој живее во Париз. Ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и Мисисипи блузот со полетни мелодии и сугестивниот, кршливо нежен вокал. Пее на јазикот Баса, еден од 260-те јазици што се зборуваат во Камерун. Песните на Баси се возбудливи, емотивно и политички набиени и поткрепени со впечатлива инструментација на виолончело, труба и тромбон.