Советот на министри на Босна и Херцеговина едногласно ги усвои денеска измените и дополнувањата на законот за единствен матичен број (ЕМБ), предложени од Министерството за социјални прашања.
Според законот, Муслиманско-хрватската федерација ќе има пет регистрациски реони, Република Српска – три, а енклавата Брчко ќе биде самостоен реон.
Советот на министри веќе два пати го испраќа предлог-законот за ЕМБ во парламентарна процедура, но и двата пати Парламентот го отфрли.
Законот за ЕМБ се одложува со месеци, затоа што партиите на босанските Срби бараат две административни единици (Република Српска и Муслиманско-хрватската федерација) да имаат одделна граѓанска регистрација, а пратениците муслимани и Хрвати се за единствен систем за цела Босна и Херцеговина.
Без овој закон, новородените деца не можат да бидат регистрирани и не можат да им бидат издавани документи за патување во странство.
Законот за ЕМБ беше повод за протести и блокади на здградата на државните институции во почетокот на јуни, при што демонстрантите држеа 1.500 лица – службеници, пратеници, министри, странски државјани и новинари – затворени во зградата во текот на 18 часа.