Спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Тодор Гечевски очекува да продолжи напредокот во женскиот национален тим.
На 11 ноември македонските кошаркарки ги почнуваат квалификациите за Евробаскетот 2023 кој ќе се одржи во Словенија и Израел, против репрезентацијата на Германија на гостински терен во Хале.
– Ги стартувавме тренинзите за квалификациите за Европското првенство. Сите девојки кои се најквалитетни се тука. Имаме некои повреди, но се надевам дека сите работи ќе се санираат и дека со најсилниот состав ќе го стартуваме циклусот. Имаме мал напредок во женската кошарка. Имаме повеќе екипи, две екипи кои играат во ВАБА лигата каде имаат солидни и добри резултати. Се надевам дека тоа меѓународно искуство ќе се примени во репрезентацијата и се надеваме на некој позначителен успех. Најважно од сè е сите да се здрави, да играме најдобро што можеме, па да дојдеме до победа, па зошто да не и пласман на Европското првенство, ако ни се даде шанса, рече Гечевски на прес-конференцијата одржана во пресрет на почетокот на натпреварите од групата „А“ од квалификациите за Европскиот шампионат.
Александар Ашаданов против Германките ќе дебитира на селекторското место во женската сениорска репрезентација.
– За мене, ова претставува огромна чест и задоволство да бидам селектор на националниот тим затоа што се работи за нашата земја. Огромна благодарност до федерацијата што ми ја довери оваа задача. Со првиот натпревар, за мене, како еден од најмладите селектори во женската кошарка, сакам да дадам голема благодарност на сите кои се појавија на овој собир и сакаат да работат и да победуваат. Се надевам дека сите повреди ќе ги надминеме и ќе бидеме спремни за првиот дуел со Германија, изјави Ашаданов.
Натпреварот ќе се игра в четврток во Хале со почеток во 19:30 часот.