Весникот Њујорк тајмс го надмина прагот од милион претплатници во странство на своето дигитално издание, соопшти денеска извршниот директор Мередит Копит Левиен, која сè уште гледа простор за раст на дневниот весник во САД. .
Меѓу јули и септември годинава весникот добил дополнителни 455.000 дигитални претплатници и сега има 8,38 милиони претплатници, од кои 90 отсто се само за онлајн изданието.
За една година бројот на претплатници се зголеми за 21 отсто и се приближува до целта до 2025 година да има десет милиони.
-Сè уште мислиме дека во светот има најмалку сто милиони луѓе кои зборуваат англиски јазик кои имаат завршено факултети и се подготвени да платат за квалитетно новинарство, изјави Копит Левиен на прес-конференција.
Таа процени дека приближно половина од оваа таргетирана популација е надвор од САД.
-Меѓу новите претплатници во овој квартал, 18 отсто се во странство, изјави финансискиот директор Роланд Каптуро.
Дополнително, за првпат годинава Њујорк Тајмс од своето печатено издание ќе има помалку од половина од приходите од претплатата.
Во третиот квартал Њујорк Тајмс имаше приход од 509 милиони долари, што е раст од 19 отсто и е повеќе од очекуваното. Нето добивката, пак, изнесувала 54 милиони долари, што е раст од 62 отсто.