Во ЕУ повеќе од 75 проценти од возрасните граѓани се веќе целосно вакцинирани против Ковид-19, соопшти денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Таа додаде дека до денеска, ЕУ извезла повеќе од милијарда дози вакцина во повеќе од 150 земји во светот. ЕУ е најголемиот извозник на вакцини, рече претседателката на Еврокомисијата. Според неа, секоја втора вакцина произведена во Европа била за извоз.
Фон дер Лајен објасни дека целта е до следната година 70 проценти од луѓето ширум светот да бидат вакцинирани против новата болест. Таа потсетува дека Ковид-19 може да се победи само со борба насекаде и најави дека ЕУ ќе донира најмалку 500 милиони дози за најзагрозените земји во следните неколку месеци.
Претседателката на ЕК, исто така, најави дека победата над глобалната пандемија ќе биде тема на состанокот на лидерите на Г20 на самитот во Рим следната недела.