Иако лидерот на ЦДУ, Армин Лашет, се уште се надева дека може да дојде до функцијата канцелар, неговиот коалициски партнер, лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, смета дека е речиси сигурно дека на германската политичка сцена доаѓа нова ера, каде доскорешната водечка коалиција сега ќе ги заземе првите опозициски редови.
Зедер изјави дека планираните коалициски разговори меѓу Зелените, Либералите (ФДП) и Социјалдемократите (СПД) ќе ја прекинат работата на германската Влада предводена од конзервативците, пишува Дојче Веле.
Тој додаде дека одлуката на двете помали партии да почнат формални разговори со СПД, која тесно ја победи ЦДУ/ЦСУ на изборите во септември, е „де-факто отфрлање“ на коалицијата предводена од конзервативците.
-Многу веројатно е дека нема да има влада со Унијата. Жал ни е за нивната одлука, рече Зедер.
И втор висок политичар на ЦСУ, Александар Добриндт, пред извесно време даде слични коментари, изјавувајќи дека смета дека постои голема веројатност СПД, Зелените и ФДП да постигнат договор. Добриндт додаде дека конзервативците мора да се подготват за следните четири години во опозиција.
Доколку денешните преговори доводат до коалиција меѓу победниците на изборите, СПД, Зелените и ФДП, тоа ќе биде првата левичарска влада во Германија по 16 години.
Од друга страна, Лашет изјави дека ЦДУ/ЦСУ се уште е подготвена за разговори, иако ја „почитува“ одлуката на Зелените и ФДП прво да испитаат дали имаат заеднички јазик со СПД.
Да потсетиме, по општите избори во Германија минатиот месец, Зелените и ФДП прво разговараа меѓу себе, а потоа одделно со СПД и конзервативната коалиција ЦДУ/ЦСУ за да ја истражат можноста за компромис.