Судот во Москва го осуди денеска починатиот руски адвокат Сергеј Магнитски за „даночна измама“. Магнитски беше уапсен во 2008 година, откако претходно обвини неколкумина високи руски функционери за даночна измама и за лажење на руските даночни власти.
Само една година подоцна, Магнитски почина во затворската ќелија, под сомнителни околности. Неговите најблиски и порано и сега ги обвинуваат руските власти дека тој е убиен, за да не може да зборува за аферата во даночната управа. Неколку руски и странски организации за човекови права тврдеа дека Магнитски во затворот бил тепан и не му била пружена лекарска помош кога барал да му помогнат.
Апсењето и смрта на рускиот адвокат, кој беше правен застапник на компанијата „Ермитаж Капитал Менаџмент“,чие седиште е во Лондон, предизвика дипломатска криза во односите меѓу САД и Русија. Заедно со Магнитски, обвинет беше и претседателот на Управниот одбор на оваа компанија, Вилијам Браудер.
Судијата во овој случај, во кој првообвинетиот е починат веке четири години, го осуди и Браудер за „даночна измама“. Тој е Американец кој постојано живее во Велика Британија. По осудувањето, Браудер изјави дека одлуката на судот во Москва е „политички мотивирана“.
Адвокатот на семејството на Магнитски ги отфрли обвиненијата и пресудата, нарекувајќи ги „целосно нелегални“.
Магнитски тврдеше дека неколкумина руски функционери со даночните измами ја оштетле државната каса со околи 200 милиони долари. Никој од нив не беше обвинет, но адвокатот по откривањето на скандалот се најде во затвор, обвинет дека тој извршил даночна измама.