Стратегот Влатко Костов денеска официјално е промовиран во нов тренер на екипата на Тиквеш, потпишувајќи договор за двегодишна соработка со повратникот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Костов доаѓа на местото на Пане Блажевски, под чие водство клубот од Кавадарци по пауза од 17 години се врати во ПМФЛ, а своето деби ќе го има в недела на натпреварот од 8 коло во рамки на ПМФЛ против Македонија ЃП на домашен терен.
– По спогодбениот раскин на договорот со тренерот Пане Блажевски, денеска по одржаниот состанок меѓу градоначалникот Митко Јанчев и Акционерското друштво се донесе одлука за назначување на нов шеф на стручен штаб на ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци. Во просториите на Општинскиот фудбалски сојуз Кавадарци. Официјално е ставен потпис на договорот од страна на претседателот на ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци Миле Масларков и шефот на стручниот штаб Влатко Костов. Договорните страни се согласија на двегодишна соработка. На тренерот уште еднаш му посакуваме многу успех во претстојната сезона, се наведува во клупското соопштение.