Борел: Случувањата во Индо-Пацификот повод да се развие стратешката автономија на ЕУ

Од:

Коинциденција или не, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, попладнево ја презентираше стратегијата на ЕУ за Индо-Пацификот, неколку часа по најавата за одбранбениот сојуз помеѓу САД, Британија и Австралија во овој регион, јави дописничката на МИА од Брисел.

Трилатералниот сојуз, наречен „Аукус“ има за цел да се ограничи влијанието на Кина во Индо-Пацификот, но ниедна земја членка на ЕУ не беше поканета да се приклучи кон оваа иницијатива, што предизвика гнев, посебно во Франција. Имено, Австралија требаше да набави нуклеарни подморници од Париз, но договорот е укинат во последен момент од страна на Канбера во корист на сојузот со Лондон и Вашингтон.

За многумина создавањето сојуз без присуство на ЕУ е уште еден сигнал на недоверба кон Европејците од страна на САД.

Но, шефот на европската дипломатија на денешната прес конференција одлучи да настапи со оптимизам.

Тој ги наброја сите области на соработка помеѓу ЕУ и Индо-Пацификот, и нагласи дека Европската Унија е најголем инвеститор во овој регион, далеку пред САД, Кина и Јапонија, со 12 трилиони евра инвестиции. Јосеп Борел истакна исто така дека 40 отсто од трговијата на ЕУ се прави токму со Индо-Пацификот.

Европската Унија, додаде тој, е решена да ги брани своите вредности и интереси во регионот и покрај овој немил развој на настаните, а темата ќе биде на дневниот ред на министрите за надворешни работи на ЕУ многу скоро.

-Историјата со големо И ќе се одвива во регионот на Индо-Пацификот во овој век, тоа е многу важен дел од светот за нас, таму е иднината, центарот на светот во гео-економска и геополитичка смисла се преместува таму, изјави попладнево Борел и додаде дека во интерес на ЕУ е областите на морепловство да останат слободни.

Тој призна дека денешната најава за сојузот “Аукус“ е удар за ЕУ, но и дека тоа треба да биде предизвик за ЕУ да работи поинтензивно на сопствената автономија.

-Овој сојуз само ја нагласува важноста на Индо-Пацификот за нашата безбедност, нашата економска способност, не можам да кажам дека се радувам на коинциденцијата на овој ден, но сакам да искористам прилика да кажам колку е ова навремено, разбирам дека француската влада е разочарана, но треба да го зголемиме нашето присуство во регионот, рече шефот на ЕУ дипломатијата.

Борел рече дека е свесен дека не сите земји во ЕУ придаваат иста важност на овој регион.

-Ова нѐ приморува да го засилиме нашето размислување за нашата стратешка автономија, знам дека не сите земји членки се чувствуваат ангажирано за Индо-Пацификот, но овие настани служат на некој начин да ги разбудат Европејците дека е време да преземат иницијативи самите, и дека треба заедно да работиме за координирано присуство, додаде првиот човек на европската дипломатија.

Тој додаде дека ова не влијае негативно на односите на ЕУ со Австралија, која ќе остане клучен партнер во регионот за Европа.

Би можело да ве интересира

Борел во Бејрут повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах

А1он

Прва земја од регионот – потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија

А1он

Борел: Темпото на проширување и напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина мора да оди рака под рака

Захарова: Изјавата на Борел за убиството на заробените украински војници е дезинформација

Борел: Европската Унија и испрати на Украина 650.000 гранати

Горан Наумовски

Борел го осуди нападот на израелските доселеници врз палестинското село, се закани со санкции од ЕУ