Македонската женска сениорска фудбалска репрезентација овој месец ги започнува европските квалификации за пласман на Светското првенство што ќе се одигра во Австралија и Нов Зеланд 2023 година.
Македонската селекција е во групата „Д“ со Англија, Австрија, Северна Ирска, Луксембург и Летонија.
Македонските фудбалерки првите мечеви од септемврискиот квалификациски циклус ќе ги одиграат против Англија во Саутемптон на 17. септември од 19:00 часот, додека првиот домашен меч е четири денови подоцна на Националната арена „Тодор Проески“ против Австрија.
Фудбалската федерација на Македонија го обезбеди хотел „Лимак“ за тимска база на нашата најдобра женска репрезентација за претстојните натпревари.
– Не очекуваат два многу тешки натпревари. Ги знаеме добро квалитетите на двете селекции, посебно на Англија, која е апсолутен фаворит во групата, но верувам дека имаме сили и во рамки на нашите можности достојно ќе се обидеме да се спротивставиме на двете репрезентации. Целта е да извлечеме поволен резултат од двете пресметки, изјави македонскиот селектор Кирил Изов пред стартот на новиот мундијалски циклус.
Радува фактот, посочи тој, што на располагање ги имаме сите фудбалерки, вклучувајќи ги и интернационалките Андонова и Рочи.
-Имаме одличен спој на младост и искуство, оптимист сум дека ќе имаме добри квалификации. Атмосферата е одлична, сите се максимално фокусирани и мотивирани да одиграат добро за дресот со државен грб. Гледаме позитивно и веруваме дека оваа селекција може да напредува во квалификациските натпревари, додаде Изов во изјава за официјалниот сајт на ФФМ.
На списокот на Изов за двата воведни дуели се најдоа 23 фудбалерки:
Голмани: Магдалена Лекоска (Љуботен), Суарта Речи (АС Унитед), Верица Колевска (Скопје 2014);
Одбрана: Павлинка Николовска (Каменица Саса), Елена Панеска (Каменица Саса), Ане Бошеска (Тиверија), Јулија Живиќ (Љуботен), Положани Синдис (АС Унитед), Теодора Јанковска (Деспина), Катерина Милеска (Деспина), Сара Коларовска (Скопје 2014);
Среден ред: Јана Чубриновска (Деспина), Александра Марковска (Скопје 2014), Елена Петровска (Скопје 2014), Драгана Гегова (Скопје 2014), Сара Велкова (Тиверија), Наташа Андонова (Леванте, Шпанија);
Напад: Теодора Димоска (Тиверија), Илза Максути (АСС Унитед), Радица Чонева (СЦ Истатов), Рабија Дервиши (Скопје 2014), Хава Мустафа (Шкендија), Гентијана Рочи (Купс, Финска).