Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ денеска го повика високиот претставник во таа земја Кристијан Шмит да го постави прашањето за разрешување на српскиот член Милорад Додик со цел, како што вели, да се одблокира работата на институцијата – колективен шеф на државата.
По денешната седница на Претседателството на БиХ, на која присуствуваше и Додик, Џаферовиќ рече дека српскиот член на Претседателството е против сите точки и дека на дневниот ред се вклучени претежно оние поврзани со надворешната политика и безбедноста.
– Не донесовме ниту една одлука. Повеќето точки на дневниот ред беа поврзани со надворешната политика, каде што Додик гласаше против, тие одат на вториот круг од гласањето. Потребен е консензус за безбедносните точки, изјави Џаферовиќ, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека очекува реакција од меѓународната заедница, бидејќи, како што вели, тоа е блокада.
– Тоа е очигледна блокада на Претседателството. Не можевме да назначиме амбасадори, да дадеме агремани на амбасадори од други земји. Освен блокада, тоа е и еден вид злоупотреба, рече Џаферовиќ.
– Очекувам високиот претставник да помогне во функционирањето на БиХ, вклучително и разрешувањето (на Додик), истакна бошњачкиот член на Претседателството, кое е тричлено тело кое колективно служи како шеф на државата на Босна и Херцеговина.
Според Уставот на БиХ, Претседателството се состои од три члена и тоа еден Бошњак, еден Србин и еден Хрват, кои имаат четиригодишен мандат.