Со едноставен бакнеж, може да изразиме внимание, почит, поздрав, љубов, пријателство, добра среќа или добар пат. На Денот на бакнежите бидете во друштво со најблиските, пријателите, кажете им убав збор, прегрнете го оној на кој му треба утеха, подарете искрена насмевка бидејќи насмевката е бесплатна, подарете љубов, бидејќи љубовта го движи светот.
Ова се наведува во повикот на невладините организации „Уметност на живеење Македонија”, „Арт Лајф”, „СУНА” и „Банка за храна”, по повод одбележувањето на 6 Јули – Меѓународниот ден на бакнежите.
– Многу луѓе имаат заборавено за чувството на припадност и топлина кои произлегуваат од бакнежот, прегратката, насмевката, а се сосема спротивни од сегашниот начин на комуникација каде бакнежите и насмевките се испраќаат преку телефон и смарт апликации, компјутери или се оставаат на социјални мрежи.
– Стресот и насилството во општеството може да се намали преку будење на позитивните вредности (среќа, радост, внатрешен мир, чувство на припадност и поврзаност со луѓето, физичко и ментално здравје) во сите сегменти и димензии во животот и овој ден асоцира токму на овие вредности, велат во пораката овие НВО-ии.
Прегратката, бакнежот, насмевката претставуваат израз на психо-социјално здраво битие кое знае да се изрази на вистински начин и воспостави релација со светот, наместо да комуницира преку социјални мрежи или телефони, потсетуваат во својата порака.