По спогодбите со седуммината припадници на т.н. група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог -спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.
Откако беа запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог – спогодбите и лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа:
-на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела во траење од пет години;
-на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела во траење од по три години и шест месеци и
-на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани во траење од по три години.
Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други НН лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и истата ја криеле на безбедни локации во с.Грчец. Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5000,00 денари по грам за кокаин и од 12-15.000, 00 денари за 100 грама марихуана.
Согласно член 215 став 6 од Кривичниот законик, во корист на РСМакедонија, како предмети што се употребени за извршување и што потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно ПМВ марка АУДИ 3, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со наркотична дрога -кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.
Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.