Бетонската база на Нефи Усеини, лоцирана на стариот пат Охрид-Струга работи и за викенди и празници. Додека сите го празнуваат празникот „Илинден“ кај базата на Усеини и денеска има работници, а преку пет црева поврзани со машините на дивоградбата, се полнат цистерните. На оваа локација, иста е сликата втор ден по ред. Станува збор за фреквентно место, кои е на десетина метри од стариот пат од Охрид кон Струга, но тоа не го плаши Усеини да произведува бетон, иако нема никаква дозвола за тоа.
„А1он“ направи и снимки. Се гледаат цистерните, камионите и другата машинерија на Усеини, заедно со цревата кои се поврзуваат со бетонската база и возилата за пренос на цемент. Ова место, иако треба да е затворено, тоа континуирано работи. Според извори на „А1он“ изминативе денови имало и контрола, но не биле констатирани прекршувања на законот.
Оваа база на поранешниот охридски советник и висок партиски функционер на ДУИ, Усеини, требаше да биде урната минатата година. За време на изборите, уривањето започна, односно беа отстранети силосите за складирање, по што активностите престанаа. Единствена разлика во нејзиниот изглед и функционалност е што ги нема складовите.
Почетокот на јуни, „А1он“ направи и дронски снимки од кои се гледа како базата работи. За ова е известен и Државниот инспекторат за животна средина, кој пак, го алармираше општинскиот инспектор надлежен за базата. Епилог – нема.
Општина Охрид почна да ја урива оваа база, а потоа самиот Усеини продолжи да го прави истото. Тие успеаја само да ги отстранат силосите, при што, процесот застана. Од Општината засега нема одговор зошто базата не е целосно урната.
За разлика од претходно, сега, уште поголем дел од парцелата е тампонирана и израмнета. Според имотниот лист од Катастар, таа се протега на површина од 2500 метри квадратни. „А1он“ контактираше со ИВЗ и праша дали знаат дека нивното земјиште на стариот пат Охрид-Струга има дивоградба за која се води истрага од Обвинителство. Одговор не добивме. Во охридското муфтиство на ИВЗ прашавме дали тие ја дале парцелата на користење на Нефи Усеини и што планираат да прават на неа, но оттаму одговори најавија за утре, поради работни обврски.
Предмет за нелегално изградената бетонска база во охридското обвинителство се води од август 2019 година. Предметот е оформен бидејќи обвинителот сметаше дека Усеини сторил кривично дело бесправна градба. По година и девет месец, предметот тапка во место. Последната информација е дека Обвинителството издало наредба за градежно вештачење од Бирото за судски вештачења. Во февруари, обвинителот одговори дека се работи со намален капацитет поради пандемијата со коронавирус. Оттогаш наваму, нема никакви промени поврзани со овој случај.