Фудбалски спектакл се одржа синоќа на националниот стадион во перуанскиот главен град Лима на кој силите ги одмерија Лео Меси и неговите пријатели од една страна и тимот на светот предводен од новото засилување на Барселона, Неимар.
Победи тимот на Меси со 8:5. Мечот немаше натпреварувачки карактер, а собраните средства се наменети за хуманитарни цели. Тоа не го спречи новиот тандем на Барселона да се натпреварува кој ќе собере повеќе аплаузи и ќе даде поубав гол. Во таа борба, според спортските портали, победи Неимар.
Бразилецот успеа речиси од половина терен да го лобува голманот Муслера, а тој потег е прогласен и за најатрактивен на натпреварот.
Иако вниманието беше насочено на Меси и на Неимар, на теренот беа и Марко Матераци, кој бранеше, а бразилскиот репрезентативен голман Жулио Цезар, пак, играше како стопер. Дел од фудбалскиот спектакл во Лима беа и Даниел Алвеш, Пабло Освалдо, Ерик Абидал, Езекиј Лавеци, Пабло Аимар, Флорадн Малуда и многу други актуелни и поранешни фудбалски ѕвезди.