Џули А. Мази, американска надрилекарка од Калифорнија, е обвинета за продажба на лажни сертификати за вакцинација и апчиња за кои лажно тврдела дека се ефикасни против Ковид-19. Таа е уапсена и обвинета по две точки за медицинска измама.
На Мази ѝ се заканува казна од дваесет години затвор, како и стотици илјади долари парична казна.
Хомеопатката продавала апчиња за имунизација по цена од 243 долари. Таа тврдела дека тие содржат „многу мало количество“ од коронавирусот, што предизвикува имунолошки одговор и обезбедува „доживотен имунитет на Ковид-19“.
За да ги убеди клиентите да ги купат нејзините апчиња, Мази им кажувала дека вакцините одобрени во САД содржат „токсични состојки“. Таа, исто така, нудела хомеопатски лекови за детски болести и лажно тврдела дека тие ќе ги задоволат потребните услови за имунизација кои се бараат во калифорниските училишта, пишува Њујорк Тајмс.
Хомеопатот на својата веб-страница за себе си вели дека докторирала на Националниот универзитет за природна медицина во Портланд и е едуцирана за „традиционални медицински науки“ и „древни и модерни модалитети“ кои користат природни лекови. Таа наведува дека нуди и услуги на класична хомеопатија, псевдонаука со корени во Германија од пред повеќе од 200 години.
Според хомеопатијата, која не е вистинска научна дисциплина, една болест може да се лекува со супстанца која произведува слични симптоми како и заболувањето и се дава во минимални дози.
Властите започнаа истрага против Џули Мази откако некој поднел жалба во април, велејќи дека нејзините роднини купиле таблети за имунизација против Ковид-19 и поради тоа не се вакцинирале против коронавирусот. Покрај таблетите, Мази им дала и сертификати за вакцинација против Ковид-19, во кои било наведено дека ја примиле вакцината на компанијата Модерна. Таа им кажала како датум на вакцинацијата да го запишат денот кога почнале да ги пијат апчињата.
Сè уште не е познато колку точно луѓе ги купиле апчињата на надрилекарката, но властите дознале дека Мази од јануари 2020 до мај 2021 година, преку компанијата за дигитално плаќање Сквер, примила повеќе од 200.000 долари, за кои се верува дека се од трансакции за бескорисните апчиња што им ги продавала на лековерните Американци.