Нови снимки од катастрофалното невреме во Германија и Белгија, кое предизвика поплави незапаметени во последните сто години, постојано се објавуваат на социјалните мрежи, сведочејќи за размерот на уништувањето.
Од минута во минута расте и бројот на жртвите, а според последниот биланс, загинале 42 луѓе, а десетици се водат како исчезнати.
Најтешко се погодени државите Северна Рајна-Вестфалија и Рајна-Палатинат, а според полицијата, дури 18 луѓе загинале во посебно погодениот округ Арвајлер. Во Ојскирхен, јужно од Келн, досега се пријавени 15 жртви. Телата на некои од настраданите сѐ уште не се извлечени, а и во оваа област има многу луѓе кои се сметаат за исчезнати.
Во градот Вупертал биле активирани сирените за општа опасност, непосредно пред да го погодат обилните дождови.
? Sirens sounding in #Wuppertal, #Germany to warn about floods due to heavy rain
pic.twitter.com/jjJAPk8E7l— Amit Sahu (@amitsahujourno) July 15, 2021
Најмалку 70 луѓе се сметаат за исчезнати ширум Германија. Снимките од воздух покажуваат урнати куќи, автомобили проголтани од калта, цели села целосно потопени во вода. Многу луѓе единствено можеле да побараат спас на покривите од своите куќи, каде седат со часови, во очајничко исчекување на спасувачките екипи.
Со гумени чамци и хеликоптери, властите организираа спасувачки мисии со кои се обидуваат да им помогнат на погодените, додека повеќе од 200 војници на германската војска се вклучени во операциите.
„Таму има мртви луѓе, луѓе кои исчезнале, многумина и натаму се во опасност. Никогаш не сме виделе таква катастрофа. Ова е многу поразително,“ рече гувернерката на државата Рајна-Палатинат во регионалниот парламент.