Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапувајќи по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права против Здружението на граѓани МОТО клуб Пелистер од Битола, утврди директна дискриминација врз основa на сексуална ориентација.
Како што денеска соопштија од Хелсиншки комитет за човекови права, Комитетот ја поднел претставката поради тоа што на 27-ми јуни, Мото клубот Пелистер споделил објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, во која е наведено дека припадници на лгбт заедницата, не можат да бидат членови на офф роад клуб Пелистер и не се пожелни да присуствуваат на нашите настани.
– Toa e политика на клубот, донесена едногласно од сите членови и раководство. Нашиот клуб го градиме на правилни човекови вредности, во основа на Христијанство и Ислам. Со почит офф роад клуб Пелистер, стоело во објавата од Мото клубот Пелистер.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека објавата со ваква содржина и политиката на здружението претставуваат директна дискриминација врз основа на сексуална ориентација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
– Комисијата наведува дека ваквата објава и политиката на клубот се спротивни на Уставот на Република Северна Македонија кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните и на Законот за здруженија и фондации кој забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон преземање активности, со кои се повредуваат слободите и правата на други лица. Истиот закон предвидува забрана за работа на организацијата доколку презема вакви активности, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Комисијата донела мислење и препорака веднаш да се отстрани дискриминаторската содржина од фејсбук профилот во сопственост на Мото клуб Пелистер.
Укажува и на можноста оваа содржина, поставена на јавен профил на социјална мрежа и достапна до поголема популација да предизвика дополнителни негативни последици во форма на ширење и зајакнување на стереотипите и предрасудите кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.
– Во препораката Комисијата става посебен акцент на опасностите од појава на говор на омраза, што може да доведе и до потешки последици во форма на насилства предизвикани од омраза. Мото клубот, исто така, се задолжува во иднина да дозволува еднаков пристап и членство на сите лица, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Комисијата го следи извршувањето на мислењата и препораките во случаи на дискриминација, како и можноста за покренување прекршочни постапки во случај на непостапување, стои во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет за човекови права.