На маргините на посетата на Република Турција, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски се сретна со Сердар Чам, претседател на Претседателството на Турската агенција за соработка и координација ТИКА.
Изразувајќи задоволство од разговорите, Чам најави дека е можно македонски и турски експерти заеднички да работат на проекти во други земји.
– ТИКА има отворено 35 канцеларии во светот и спроведува проекти во 110 земји. Бевме земја која добиваше помош, а сега сме земја која дава помош. Нашата помош се базира на искреност и пријателство поради тоа носи успех. Ние имаме задолжение од Министерството за храна, земјоделство и сточарство и Министерството за шумарство и водостопанство да ви помогнеме во рамки на нашите можности, истакна Чам и додаде дека Македонија има посебно место во срцата на турскиот народ поради историската и културната поврзаност.
ТИКА е агенција со која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија активно соработува.
– Би сакал да ја изразам мојата благодарност за добрата соработка со вашата канцеларија во Скопје. Секој проект кој досега се реализирал е успешен на заедничко задоволство, рече министерот Димовски.
Тој го информира Чам за текот на реализација на заедничкиот проект за развој на производството и квалитетот на оризот со кој преку размена на искуства од турски експерти и друга техничка поддршка, се работи на подобрување на оризопроизводството во Република Македонија преку воведување нови сорти квалитетен ориз што ќе се зголеми приходот на производителите и ќе се подобри пласманот на регионалните и меѓународните пазари.