Излетници и случајни рекреативци викендов успеале од изненадно надојдените води на река Пена во месноста Бањиче да извлечат и спасат десетина капачи, сите деца.
За оваа опасна драма очевидци ја информирале полициската станица во Тетово.
– Под браната во месноста Бањиче во коритото на река Пена, од засега непознати причини и во се уште нерасветлени околности, дошло до испуштање на поголема количина вода од браната на пониските падини на Шар Планина. Водата повлекла навнатре десетина претежно малолетни лица кои биле во дивата речна плажа, но истите успеале со помош на рекреативци и случајни минувачи да се извлечат неповредени од надојденте води на Пена, информирал за Кисс, портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
СВР Тетово работи на утврдување на околностите и причините за неколкукратно зголемување на водостојот на река Пена во месноста Бањиче предизвикан од испуштање на водите од акумулацијата Брана.