На вториот ден од Филозофскиот филмси фестивал што ќе се одржи денеска, публиката во Кинотеката на Северна Македонија ќе може да ужива во три филмски остварувања.
Со првата проекција во 17 часот, како што најави тимот на Фестивалот, започнува претставувањето на филмовите од Официјалната селекција на долгометражни филмови. Публиката ќе има можност да го погледне добитникот на Гран при од жирито на филмскиот фестивал во Шангај „Вдиши издиши“ (Inhale-Exhale) на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе. Филмот, како што посочуваат, дава перспектива за предизвикот на живеењето во едно традиционално општество каде што не секогаш е лесно да се биде различен и секој кој е поинаков од другите може да се соочи со проблем или закана.
Веднаш по „Вдиши-издиши“ ќе биде прикажан и победникот во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал „Атлантида“ (Atlantis) на украинскиот режисер Валентин Васјанович. Дискретната постапокалиптична приказна го следи животот на Сергеј, поранешен војник, во една алтернативна историја на Украина кога се завршува една војна.
За крај на вториот фестивалски ден, како дел од ФФФ- Doc. е предвиден македонскиот документарен филм на режисерот Блаже Дулев „Кеиф“ (2019) и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој воедно е и сценарист на „Кеиф“.
По завршувањето на филмот и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев, публиката ќе може да стапи во отворен дијалог инспириран од филмот и излагањето, во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката.
Фестивалот свечено беше отворен вчеравечер во Кинотеката на Северна Македонија. Иако најавен за на отворено, мини џез концертот на Yordan Kostov Quintet (Јордан Костов, Андреа Мирческа, Филип Букршлиев, Дамјан Грујо и Драган Теодосиев) се одржа во фоајето на Кинотеката и го најави стартот на првиот филмски фестивал во земјава со проекции на големото платно годинава.
Како што соопшти тимот на Фестивалот, првиот фестивалски ден стартуваше со сегментот Ревијална програма: филм- философија, односно со американскиот култен нем класик „Толпата“ (The crowd) на Кинг Видор од 1928 година. Поради неможноста да се прикаже на отворено во летното кино „Мирно лето“, филмот имаше две истовремени проекции во фоајето и кинотечната сала на Кинотеката.
Осврт кон мелодрамата Толпата, дал и специјалниот гостин на Фестивалот, емеритус професор на Сорбона, Доминик Шато (Dominique Chateau). Во филмската анализа по филмот, тој посочил дека делото на Видор ја поддржува тезата дека за разбирање на индивидуалната психологија потребно е да се земе предвид психологијата на масите, а особено тоа како поединецот може да се загуби себеси и да ги потисне сопствените идеали, притоа заменувајќи ги со идеалите на толпата.