Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Грција во земјава, Русос Кундурос, со кого разговараа за актуелни теми поврзани со економијата, економската соработка помеѓу двете држави и активностите на Република Северна Македонија поврзани со интеграцијата во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи, како што соопшти неговиот кабинет, посочи дека економската соработка помеѓу двете земји е на традиционално високо ниво, пришто Грција е четврти трговски партнер на Северна Македонија, како и дека соработката има потенцијал и понатаму да се развива, што е во взаемен интерес на двете земји.
Амбасадорот Кундурос, како што стои во соопштението, ја истакнал интенцијата на Владата на Грција да се продолжи со градење на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка, а притоа го потврдил ставот дека ќе ја поддржи Северна Македонија во спроведувањето на реформите потребни за целосна интеграција на земјата во Европската Унија.
– Како една од главните теми за разговор се издвои соработката во енергетскиот сектор, за кој вицепремиерот и амбасадорот се согласија дека има навистина голем потенцијал, ако се земат во предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александрополи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји, со кое Република Северна Македонија ќе добие нов извор за снабдување со овој поеколошки и поевтин енергенс, а со тоа и можност да стане регионален центар за понатамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот, се наведува во соопштението.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Кундурoс се согласиле дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрз и одржлив економски раст и подобри услови за живот на граѓаните.