Турција ја предупреди Германија дека ќе се соочи со последици доколку германската канцеларка Ангела Меркел не се откаже од воздржаниот став кога е во прашање влезот на Турција во ЕУ.
Во разговорите со амбасадорите на ЕУ зад затворени врати Германија и Холандија оваа недела покажаа воздржаност, поради што не е постигнат заеднички договор за напредок на Турција на патот кон ЕУ.
-Се надевам дека ќе ја поправи грешката што ја направи, бидејќи во спротивно ќе доведе до реакции, предупреди турскиот министер за европски прашања, Егемен Багис, по повод одлуката која се очекува во Брисел.
Турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу исто така предупреди на опасноста од слабеење на односите помеѓу Анкара и Берлин, во случај Германија да продолжи да се противи на пподолжување на преговорите помеѓу ЕУ и Турција.
-Ќе преземеме неопходни мерки против државите кои сакаат Турција да ги прекине односите со ЕУ – нагласи Давутоглу.
Меркел во повеќе наврати покажа скептицизам, кога станува збор за успешно решавање на преговорите на Турција со ЕУ кои започнаа во 2005 година.
Елена Георгиевска