Кривична пријава доби инспекторот на Државниот инспекторат за животна средина кој примил поткуп.
Според информациите, тој вчера беше приведен бидејќи примил 200 евра од сопственик на авто-плац во Кичево, што не работел во согласност со прописите.
Станува збор за 51-годишен инспектор од Тетово, со иницијали А.Р.. Покрај него, поднесена е уште една кривична пријава против С.А.(40) од тетовското село Фалише поради помагање.
„Инспекторот вршејќи службена должност во Кичево, од сопственик на фирма во Кичево, побарал и добил 200 евра, со цел да му изготви записник за инспекциски надзор во фирмата во кој ќе констатира дека нема неправилности во нејзиното работење. Второпријавениот, во просториите на неговата фирма со седиште во Кичево, му овозможил на А.Р. да ги земе парите од поткупот по што ги скрил во својата канцеларија“, соопшти полицијата.
Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека апсењето е доказ за решеноста да се пресметаат со корупцијата и да ја вратат довербата во институциите.
Од ДИЖС очекуваат надлежните органи детално да го истражат случајот со цел негово решавање во согласност со законот.
„Нема да дозволиме злоупотреби на службената положба. Одлучни сме да застанеме на патот на корупцијата која е составен дел на криминалот во животната средина“, се вели во соопштението.
Од Државниот инспекторат за животна средина посочуваат и дека го осудуваат секој обид на инспекторите да остварат материјална корист од прикривање законски прекршувања на загадувачите.