Илјадници демонстранти ширум Турција им се приклучија на „стоечките протести“ против Владата, кои започнаа во понеделникот. Демонстранти во Истанбул, Анкара, Измир, Анталија, Ескишехир и многу други градови во земјата, како и во странство, во различен временски период, претходно договорен на социјалните мрежи, ја прекинаа работата и со молчење го изразија протестот против власта.
Стоечките протести траеја до раните утрински часови денеска. На истанбулскиот плоштад Таксим утрово се уште стоеја околу илјада луѓе.
– Ататурк секогаш стоел цврсто на своите нозе. Ние исто така не треба да се предаваме, стоиме и нема да ги прекинеме протестите, изјави еден од демонстрантите.
Според голем број турски набљудувачи овој вид на протест „значи многуза учесниците во него и за Владата“. Тој означува „бојкот“.
Турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер изјави дека се додека демонстрантите не го нарушуваат јавниот ред и мир, полицијата нема да презема мерки против нив.
Но, и покрај изјавите на Ѓулер, полицијата вчера уапси неколкумина учесници во стоечките протести, што предизвика огромна јавна осуда и многу критики на социјалните мрежи кон Владата.
Повеќе турски политиколози ги оценија апсењата како голема грешка и антидемократско дејствување. Демонстрантите побараа од поддржувачите да не провоцираат немири, но повикаа да се бојкотираат сите провладини компании, медиуми, банки и големи синџири на угостителски објекти во следните четири месеци.
Исто така, е предложено и турските граѓани да не посетуваат неколку луксузни хотели во околината на плоштадот Таксим, кои ги затворија вратите за демонстрантите при полициската интервенција во паркот Гези.